Дали Малезија Ерлајнс ќе преживее?!

25.07.2014 10:15

Авионските несреќи зачестени во последниот период ја доведоа Малезија Ерлајнс пред банкрот. Компанијата веројатно ќе се распарчува и ќе се порадава на приватници...

Летот МХ17 на Малезија Ерлајнс последен пат слета на аеродромот во Куала Лумпур на 25 јули, точно една недела пред соборувањето на авионот при што загинаа сите 298 патници.

Летот на Малезија Ерлајнс што сега ќе сообраќа на релација Амстердам – Куала Лумпур ќе оперира под кодот МХ19.

„Ова беше голема трагедија за сите, за целата меѓународна заедница. Гледав што се случува со телата во Холандија и беше многу тажно. Но, ова можеше да се случи секому“, вели Нурулхуда Абдул Хади – патник на Малезија Ерлајнс.

Во последниве 4 месеци Малезија Ерлајнс беше принудена дури два пати да ги менува кодовите на летовите, па освен МХ17 компанијата во март годинава го смени и кодот на летот МХ370 што сообраќаше од Куала Лумпур до Пекинг, кој што исчезна со 239 патници.

Во меѓувреме, во воената база близу Хилверсум во Холандија, со холандски и австралиски транспортни воени авиони беа донесени вкупно 114 ковчези со посмртните останки на патниците од авионот. Форензичарски тим ќе се обидува да ги идентификува телата, што е процес кој што може да трае и неколку месеци.

Почна и истрагата на двете црни кутии од авионот, откако инспекторите успешно ги собрале податоците.  Од холандскиот Одбор за безбедност, кој што ја координира истрагата за несреќата во која што загинаа 194 холандски државјани, изјавија дека нема показатели дека содржината на црните кутии била променета.

Русија ги повика Соединетите Американски Држави да приложат докази за своите обвинувања, а истото беше побарано и на последниот брифинг и во Стејт Департментот, кога еден од најсискусните новинари на Асошиејтед прес ја повика портпаролката да ги докаже обвинувањата кон Русија.

Откако таа одби, новинарот и порача дека кога обвинуваат, мора да се во можност да приложат нешто повеќе од своето тврдење, како и тоа дека тие постојано обвинуваат различни страни, а потоа немаат докази за да ги оправдаат обвинувањата.

 

Марија Котовска