Формула 1

„La pista magica“

05.09.2014 12:37

13-тата трка во сезоната во најбрзиот спорт е на најбрзата патека. Налик на најбавната во Монте Карло да се победи на Монца е работа на престиж...

Параболика, Аскари, Ди Лесмо, многу легенди, традиција колку и Формула 1 шампионатот или со еден збор легендарната Монца.

13-тата трка во сезоната во најбрзиот спорт е на најбрзата патека. Налик на најбавната во Монте Карло да се победи на Монца е работа на престиж, остварување на сонот на секој пилот,можност да се запише меѓу легендите.Прекрасниот автодром во кралскиот парк со поглед на Алпите е новиот предизвик во  тековниот шампионат што почна монотоно, со доминација на Мерцедес но продолжи со многу возбудувања, контроверзи, неизвесност и атрактивни трки. По СПА, Монца е вистинското место каде што може да се очекуваат нови возбудувања, особено што се е поотворена и битката за шампионската титула.

Ривалитетот и нескриената нетрпеливост меѓу возачите на Мерцедес отвори простор  за враќање на Ред Бул-секогаш силен во вториот дел на сезоната, па по двете победи во Унгарија и Белгија хитот на првенството Даниел Рикардо е на нешто повеќе од 50 поени зад Росберг со калкулации дека Абу Даби на крајот ќе носи двојно повеќе. По бројните шпекулации кој каде во новата сезона, страстите се смирија по демантот на Алонсо дека го напушта Ферари, дека на Хамилтон му е доста од Мерцедес и дека Фетел би можел да се раздели од тимот со кој освои 4 титули. Ако е така тогаш сите можат да се концентрираат на трката и да понудат ново единствено доживување на легендатната патека. Предизвик особено за Фетел кој три пати славел на Монца, последен пат лани со Ред Бул, а прв пат во 2008-та кога влезе во историјата како најмлад возач со Ф1 победа со 21 година и 74 дена живот,прва во неговата кариера и единствена со Торо Росо.

Монца памети уште многу рекорди, неверојатни трки,величенствени моменти,  но  и инциденти со трагичен крај , за сепак првата асоцијација на „Ла писта маџка“ да биде брзината.

Ако е предизвик за вас бидете утре и в недела од 14 часот со првиот програмски сервис на МРТ.