Победникот на Тур де Франс бара поостри казни за допинг

19.08.2013 14:55

Битката со забранетите стимулативни средства и спортистите кои што мамат не запира, напротив по примерите од атлетиката и од пливањето, можеме да заклучиме дека се интензивира.

Сепак, се чини дека „Пандорината кутија“ ја отворија случувањата во велосипедизмот, поконкретно признанието на легендарниот Ленс Армстронг од почетокот на годината, потег кој го следеа бројни негови колеги.

Како што е познато, некогаш херојот на Американците беше целосно детронизиран, ги загуби седумте трофеи од најголемото велосипедско искушение на светот, трката низ Франција, а доби и доживотна забрана за учество во спортот.

Слични санкции дури и за првиот сличен прекршок за велосипедистите, бара годинашниот победник на Тур де Франс, Британецот Крис Фрум, кој вели дека допингуваните би требало доживотно да се суспендирани од спортот.

„Мислам дека би требало да се воведат поостри казни за оние кои што ги кршат правилата. Не сум сигурен дали воопшто би требало да им се дозволи да се вратат во натпреварувањата, изјави Фрум за медиумите од својата земја.

Британскиот шампион додава дека има комплетна доверба во процедурата на тестирањето и оти верува дека измамниците повеќе нема да можат да се извлечат.

„Можеби со доживотна суспензија би ги казнил оние кои што користат крвен допинг ЕПО или нешто друго за кое сте 100 проценти сигурни дека е мамење. Мислам дека, доколку се појават нови случаи допинг, тие лица би требало да бидат отстранети од спортот“, заклучи Фрум.