Формула 1

Хамилтон и Росберг доминантни

03.10.2014 14:25

Ако се испочитува традицијата и актуелниот момент тогаш за очекување е нова голема пресметка меѓу возачите на Мерцедес и водечките во генералниот поредок Луис Хамилтон и Нико Росберг...

Многу често на неа се решавале шампионските битки, вистинска тркачка патека, омилена меѓу возачите , но не и за механичарките тимови кои треба да решат многу компромиси за сет-апот на болидите. Средно брзите и бавни свиоци и брзите правци се предизвик за одредување на нивото на потисна сила, пневматиците и агрегатот се под високо оптиварување, а дури 67 насто од кругот долг 5800 метри се вози под полн гас.

Сузука е новиот -15-ти предизвик за пилотите во формула 1 шампионатот. Последните неколку сезони јапонското гран при е прва асоцијација за Себастијан Фетел. Актуелниот шампион победи на 4 од 5-те негови трки на Сузука, а исто толку пати беше и на пол-позицијата. Потврда дека добрата стартна позиција знае да биде решавачка за конечниот исход. Во прилог и податокот дека во досегашните 25 трки на Сузука, 12 пати победил носителот на пол позицијата, дополнително 9 пати славел возачот што бил втор на гридот,па најмногу се памети триумфот на Раиконен во 2005-тата од 17-тата позиција на стартот.

Ако се  испочитува традицијата и актуелниот момент тогаш за очекување е нова голема пресметка меѓу возачите на Мерцедес и водечките во генералниот поредок Луис Хамилтон и Нико Росберг. Британецот има победа во 2007-та, но и најдобро време на вториот денешен слободен тренинг откако првиот му припадна на Росберг.Разликата меѓу нив се мери во две десетинки, но она што загрижува во најавата за возбудлива трка е заостанувањето на сите други.Ботас на третата позиција доцнеше секунда и две десетинки, двоецот на Ферари секунда и пол, а Фетел е за нијанса подобар, но и со сознанието дека треба да внимава на својот 5-ти агрегат зошто веќе е јасно дека Малдонадо ќе добие плус десет места на гридот откако го смени моторот.

Засега вулканот Онтаке не е сериозна закана, но многу неизвесност може да донесе најавениот дожд на Сузука за в недела.

За ранобудните, квалификациите се утре во 7 часот, трката за јапонското гран-при в недела од осум со преноси на првиот програмски сервис на МРТ.