Хамилтон шампион, Рикардо возач на сезоната

24.11.2014 15:40

Со 11-те победи во сезоната, со 17-те поени во пресрет на завршната и конзистентноста со 6-те победи на последните 7 трки. Возачките квалитети на Луис се неспорни, но во спортот каде што клучна, а можеби и пресудна е улогата на технологијата голем дел од заслугите одат зад името на Мерцедес...

Дел од џет-сетот,со девојка поп ѕвезда,со приватен авион, со најголема заработка според Д Тајмс од преку 70 милиони фунти, со слабост кон Харибо бомбоните и месото на скара. Светот го доби новиот шампион во Формула 1. Веројатно попосакуван и поатрактивен во круговите на гламурот и богатството отколку релативно скромниот, посветен и повлечен Нико Росберг. Склоните кон заговори ќе ја анализираат последната трка, пролизгувањето на Росберг на стартот како резултат на софтверска грешка, откажувањето на дел од системите на половина на трката, како круна на сезона исполнета со контроверзи. Но, во едно сите мора да се согласни ,британецот ја заслужи титулата.

Со 11-те победи во сезоната, со 17-те поени во пресрет на завршната  и конзистентноста со 6-те победи на последните 7 трки. Возачките квалитети на Луис се неспорни, но во спортот каде што клучна, а можеби и пресудна е улогата на технологијата голем дел од заслугите одат зад името на Мерцедес. По 60 години од времето на Фанџо комплетниот болид на сребрената стрела одново е на пиедесталот. Како што велат само почеток на една нова ера.Репер за сите други.Најмногу за Ред Бул чија доминација беше прекината и за првата асоцијација на Формула 1, Ферари. Австријците останаа и без Фетел, но го добија Рикардо. Момчето за кое велат е предодредено да биде светски шампион. Во директни дуели го победуваше четирикратниот првак, 11 пати подобро финишира од Фетел,стигна до 3 победи и 8 подиуми. Според многумина тој е возачот на сезоната што ќе се памети по многуте контроверзи, по враќањето на ерата на В6 турбо моторите, по загубениот звук и подршката од навивачите. Мислејќи на своите дел од челниците на Ф1 како да заборавија на интересите на оние за кои постојат. Не само на фановите туку и на дел од клубовите кои едвај ги минаа последните километри. Или можеби е намерата Ф1 да стане само забава за богатите и моќните. Иднината ќе покаже.