Прва победа сезонава за Розберг

10.05.2015 16:39

Мерцедес останува неприкосновена екипа по 5 викенди, во 66-та Формула 1 сезона...

Германецот ја материјализира пол позицијата во тримф, што го доближи до првата позиција, во генералниот поредок. Мерцедес останува неприкосновена екипа по 5 викенди, во 66-та Формула 1 сезона. 
 
Јасно беше дека и да не ја заврши трката, Хамилтон ќе ја задржи лидерската позиција по Шпанија, но со маестралната стратегија со три застанувања во боксот, Британецот уште еднаш го демонстрира сиот свој потенцијал, иако на крајот со привидна тимска наредба, му беше одземена можноста да се бори со тимскиот колега, до последниот свиок.
 
Фетел повторно се искачи на подиумот, на третото место, што е од круцијално значење за нагорната линија во формата на Ферари. Без бодови, повторно остана екипата на Мекларен, затоа што Алонсо не ја заврши трката поради проблеми со сопирачките, а Батон беше 16-ти.
 
Саинц ја украде славата на домашното Гран при на Шпанците, прво со одличните квалификации, а потоа и со освојување на бодови во Барселона. Во топ 10 пласманот, пред него беа уште Ботас, Раиконен, Маса, Рикиардо и Грожан, а зад него Квјат.
 
Во генералниот поредок, кај возачите распоредот останува Хамилтон, Розберг и Фетел, а кај конструкторите Мерцедес нема реален ривал, за втората позиција ќе се борат екипите на Ферари и Вилијамс. Следната трка е во Монте Карло, на 24-ти мај.