Розбегр пред Хамилтон, Маса на подиумот

21.06.2015 16:32

Со победата на 8-та трка, Розберг сега има само 10 бодови помалку од Хамилтон, кој што заврши втор иако имаше пол позиција...

11-та победа на Нико Розберг во кариерата, 3-та сезонава, по маестралниот викенд во Австрија. Да не беше грешката во финалните метри во квалификациите, ова ќе беше можеби најдобриот настап на Германецот сезонава. Со победата на 8-та трка, Розберг сега има само 10 бодови помалку од Хамилтон, кој што заврши втор иако имаше пол позиција.
 
Фелипе Маса успеа да го одбие Себастијан Фетел во финишот и да стигне до својот 40-ти подиум во кариерата, со втората трета позиција едно по друго, за Вилијамс.
Во бодови влегоа уште Фетел, Ботас, Хулкенберг, Малдонадо, Ферстапен, Перез и Рикиардо, а трката не ја завршија Грожан, Саинц, Батон, Раиконен и Алонсо. Австриското Гран При го одбележа и страотниот судар меѓу Шпанецот и Финецот во првиот круг, за што возачот на Мекларен му се извини на конкурентот во Ферари, инаку двајцата големи пријатели.
 
Во поредоците, Мерцедес има монструозни 328 бодови, пред Ферари со 192, а Хамилтон има 169, пред Розберг со 159 и Фетел со 120. Следната трка е во Силверстон и во живо на Македонската Телевизија, за две недели.