Хамилтон е шампион, но Ф1 нуди уште предизвици

30.10.2015 12:58

17-тата трка во сезоната може да биде атрактивна и интересна од повеќе аспекти, пред се во битката за второто место меѓу Фетел и Росберг кои се на само 4 поени, но и како огромен предизвик за механичарските тимови и сетирањето на болидите...

Ако основната цел во Формула 1 е освојување на шампионскиот трон тогаш со втората последовна и вкупно трета титула во кариерата на Луис Хамилтон и конструкторската на Мерцедес сезоната е веќе завршена, но не и од аспект на унапредуваљње на болидите и битката за другите позиции во поредокот што претпоставува и значителна финансиска добивка.

Оттука 17-тата трка во сезоната може да биде атрактивна и интересна од повеќе аспекти, пред се во битката за второто место меѓу Фетел и Росберг кои се на само 4 поени, но и како огромен предизвик за механичарските тимови и сетирањето на болидите. По 23 години Формула 1 се враќа на реновираниот авотдром Херманос Родригез во Мексико, безмалку непознат од аспект на патека и квалитет на новиот асвалт и уште повеќе поради големата надморска височина од 2.285 метри. Вистински предизвик за агрегатите во модерната турбо ера. Има многу, но два проблема се основни за тимовите: ладењето поради разредениот воздух и потребата од зголемениот број вртежи на турбо полначот за да се задржи моќноста на агрегатот.  Промена во изведбата на системот за ладење може да значи губење на време по круг, додека зголемувањето на бројот на вртежи на турбината од сегашните 100.000 во минута на максимално ограничените според правилникот 125.000, бара сосема нов дизајн на турбокомпресорот, но и ризик за неговата издржливост.

На патеката со два брзи и еден комплексен сектор која 45 насто се минува под максимален број вртежи и дозволува 350 километри на час максимална брзина, тимовите се ставени пред сериозни искушенија. Како ќе ги надминат ќе видиме утре од 20 часот во квалификациите и уште повеќе в недела во истиот термин во трката за мексиканското гран при со преноси на првиот програмски сервис на МРТ.