Игран филм

МАНЏУРИСКИОТ КАНДИДАТ

Сабота (14.01.2017) 01:40
САД, 2004

Режија: Џонатан Дем
Улоги: Дензел Вашингтон, Мерил Стрип, Лив Шрајбер, Џон Војт, Џефри Рајт, Вера Фармига
Жанр: драма/мистерија/сф

Римејк на истоимениот трилер од 1962 година за еден воен ветеран кој истражува политички заговор.

Мајорот Бенет Марко и поручникот Рејмонд Шо служат во ист одред за време на Војната во Заливот. Во текот на една акција со непријателските сили, мајорот се онесвестува, а Шо успева да ја спаси четата од смртна опасност. По завршувањето на војната нивните патишта се разијдуваат. Шо, син на моќната конгресменка Еленор (Мерил Стрип), својата репутација на воен херој ја користи да се издигне во светот на политиката, и со помош на својата мајка се кандидира за потпретседател на државата. Од друга страна, Марко има емотивни и ментални проблеми. Тој е убеден дека нему и на другите соборци од одредот им се случило нешто чудно за време на војната. Борејќи се да ја дознае вистината за нивните кошмари и лошата психичка состојба, открива вознемирувачки податоци што укажуваат дека некој му го „преправал” телото и умот. Но, не само неговиот... Некои големи и моќни луѓе од корпорацијата Манџуријан Глобал очајнички се обидуваат да го запрат за да не ја дознае вистината.

Филмот е номиниран за наградата Сатурн во три категории: најдобар филм, најдобра споредна актерка и најдобат спореден актер.

Врвна режија, интригантна приказна и совршена глума, особено на Мерил Стрип (во тесен избор за улогата биле и Ема Томсон, Глен Клоуз и Џесика Ланг) се најдобрите препораки за еден филм. Мерил Стрип е номинирана за Златен глобус и за наградата БАФТА во категоријата за најдобра споредна женска улога во 2005.