Триумф на Розберг пред Хамилтон

15.11.2015 19:32

Кога веќе немаше шанса да се бори за титулата, вечно оспоруваниот Германец во Мерцедес, го задржа Хамилтон на втората позиција и го спречи да дојде до првата победа на теренот на неговиот идол од детството, Аиртон Сена...

Нико Розберг извозе маестрална трка во Бразил, зе 5-та победа сезонава и вкупно 13-та во кариерата. Кога веќе немаше шанса да се бори за титулата, вечно оспоруваниот Германец во Мерцедес, го задржа Хамилтон на втората позиција и го спречи да дојде до првата победа на теренот на неговиот идол од детството, Аиртон Сена. ВИП покана на забавата на Мерцедес, доби Себастијан Фетел, кој што беше најдобар од останатите и на квалификациите и на трката.

Клучен момент беа пневматиците на Хамилтон, кој што стратегијата со две застанувања ја претвори во три, но на 20 круга до крајот излезе на патеката секунда и половина зад Розберг кој што беше во пит непосредно пред Британецот, по што стана јасно каде ќе замине трофејот. Две последователни победи за Розберг, 5 последователни пол позиции, но оваа нагорна линија во неговата форма доаѓа откако големата мистерија за титулата веќе беше решена.

Мора да се одбележи настапот на Ферстапен кој што успеа да се протне на позиција што носи бодови, на 10-та, а пред него беа уште Раиконен, Ботас, Хулкенберг, Квјат, Маса и Грожан. Сега Хамилтон има 363, пред розберг со 297 бодови. Фетел има 266, пред Ботас со 136. Кај тимовите, Мерцедес освои 660, пред ферари со 401 и Вилијамс со 257. Најдолгата сезона во Формула 1, 66-та, завршува на 29 ноември на Јас Марина во Абу Даби, во живо на програмите на МТВ.