Имало кризи, но и добри времиња

30.11.2015 14:29

Ферари направи исчекор,можеби се доближи,но факт е дека само ги искористи моментите и патеките кога на Мерцедес не му одеше најдобро што е отсликано низ безмалку 300 поени разлика меѓу двата тима и 12-те еден- два победи на сребрените стрели...

И порано било лошо,па станувало подобро,Формула 1 повторно е во криза ,но остануваат надежите дека нешто ќе се смени,дека можеби сега не најатрактивниот, но дефинитивно најскапиот спорт ќе се врати на старите патеки,односно ќе профилира нови кои ќе ја вратат неизвесноста,атрактивноста и пред се битката на патеката.. Во спортот кој по дефиниција е футуристички,во развојот на технологијата на која почива автомобилската индустрија дефинитивно нема враќање назад без оглед што софистицираните хибридни надградби и иновации стануваат се подалечни и неразбирливи за обичниот љубител на спорот. И место да се поедностави барем другата страна,условно ќе ја наречеме софтверот во формула 1,се поевидентно е дека ФИА самата се заплетка во сопствената мрежа на  бесконечните правилници и пропозиции,на неразбирливите казни и ограничувања дури и во однос на развојот и обидите на малите да ги стигнат поголемите.Во една таква ситуација и 66-тата сезона мина како претходната,со доминација на оние што имаа најдобра стартна позиција, со одбранети титули на Мерцедес и Хамилтон и со дилемите-може ли некој да им се спротивстави и да ги достигне?

Ферари направи исчекор,можеби се доближи,но факт е дека само ги искористи моментите и патеките кога на Мерцедес не му одеше најдобро што е отсликано низ безмалку 300 поени разлика меѓу двата тима и 12-те еден- два победи на сребрените стрели.

Безбедноста секогаш е најважна,но издигнувањето на пневматиците во преден план,безбројните калкулации и стратегии допринесоа секој да вози своја трка, повеќе следејќи го компјутерот отколку ситуацијата на патеката што дополнително доведе до изостанувањето на директни дуели,борба  и претекнувања,се она што формула 1 ја прави тоа што е.Ако се додаде дека супермоќните и брзи болиди можат да се управуваат и без возачка дозвола и без да се оспорува квалитетот и талентот на Верстапен на 17 години да се добие супер лиценца,тогаш е јасно зошто спортот станува се подалечен и се повеќе наликува на модерна видео игра.

Најавите за следната сезона не се револуционерни,но надежите секогаш остануваат,дека публиката одново ќе ги исполнува трибините,дека Ф1 не е само на богатите и моќните,дека големи шампиони како Алонсо,Батон,Раиконен и Фетел ќе бидат онаму каде што припаѓаат-на врвот и дека конечно звукот ќе биде како во некои стари добри времиња кога гасењето на црвените светла беше задоволство што се памети.