Промоција на Евровизиската песна и спот „Дона“

16.02.2016 20:10

Македонската Радио Телевизија во понеделник, 07.03.2016 во специјално евровизиско шоу со почеток во 20.15 часот, на својот прв програмски сервис ќе ја промовира официјалната евровизиска песна со наслов „Дона“, со којашто Калиопи ќе ја претстави Македонија на 61-то издание на Изборот за песна на Евровизија во Стокхолм, Шведска.

Автор на музиката и аранжманот на евровизиската песна „Дона“ е композиторот Ромео Грил, којшто воедно е и продуцент на истата, а текстот на песната го напиша Калиопи. Песната „Дона“ ќе биде изведена на македонски јазик.

Изборот за Песна на Евровизија годинава ќе се одржи на 10-ти, 12-ти и 14-ти мај во арената Глоб во Стокхолм, а Калиопи ќе настапи во второто евровизиско полуфинале. Точниот редослед на настап на секоја од земјите учеснички ќе биде утврден по завршувањето на средбата на шефови на делегации, закажана за 14-ти март.