Заврши втората фаза од конзервација на ранохристијанската базилика на локалитетот Манчевци

21.08.2013 14:30

Заврши втората фаза од конзервацијата на ранохристијанската базилика во археолошкиот локалитет Манчевци во Охрид, што ја спроведува Министерството за култура во соработка со Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид

Заврши втората фаза од конзервацијата на ранохристијанската базилика во археолошкиот локалитет Манчевци во Охрид, што ја спроведува Министерството за култура во соработка со Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид.
 
- По извршените археолошки истражувања минатата година, при кои беа откриени значајни наоди, меѓу кои и централниот и северниот брод на базиликата, се пристапи кон конзервација на постоечките ѕидови и чистење на дел од мозаиците од археолошкиот локалитет, додека мермерните столбови пронајдени на лице место беа поставени на својата автентична позиција во структурата на базиликата. Се работи за една од деветте ранохристијански базилики откриени во стариот дел на Охрид, со прекрасни мозаични подлоги и со огромно значење за културното наследство на Република Македонија, соопшти Министерството за култура.
 
Со изведба на покривна конструкција над базиликата и со осветлување на просторот, Охрид ќе добие уште еден атрактивен археолошки локалитет и можност за дополнителна афирмација на културното наследство на  Македонија.
 
Проектот треба да биде завршен во 2014 година со реализација на  третата фаза кога ќе бидат целосно конзервирани и богатите мозаични подови.
 
За конзервација на овој археолошки локалитет, Министерството за култура досега има обезбедено 4.600.000 денари.