Одбојка, Прва лига (ж) – финале

Јанта го брани, Работнички го напаѓа противничкиот „брејк“

04.05.2016 13:21

Завршниот натпревар од купот во Пробиштип посочи дека освојувачот на двојната круна од претходните две години би требало да ги збогати клупските витрини со уште еден трофеј, но екипата на Јанта го искористи фактот што противникот настапи со подмладен тим и со 3-1 го доби првиот дуел во туѓа сала.

Работнички е објективно посилен кога е во полн состав, но Јанта волеј води со 1-0 во финалната серија од разигрувањето за титулата во женскиот одбојкарски шампионат на Македонија. Завршниот натпревар од купот во Пробиштип посочи дека освојувачот на двојната круна од претходните две години би требало да ги збогати клупските витрини со уште еден трофеј, но екипата на Јанта го искористи фактот што противникот настапи со подмладен тим и со 3-1 го доби првиот дуел во туѓа сала.

Според тоа, ја анулираше предноста на домашен терен на Работнички поради подобар ефект во основниот дел од сеоната и денеска ќе има шанса да префрли голем психолошки товар на одбојкарките на Горан Славков.

Со евентуален успех, Јанта ќе поведе со 2-0 во серијата до три победи што значи дека Работнички ќе нема право на грешка доколку сака да ја одбрани титулата. Со евентуална денешна победа на гостинките, пак, Јанта волеј ќе ја испушти стекнатата предност.

Приемот на сервис и организацијата на нападите досега беа клучните елементи во меѓусебните пресметки. И денешната нема да биде исклучок. Почнува од 18 часот, со пренос на Собрансикиот сервис на МРТ.