Иновациите шанса за економијата

27.01.2014 15:50

Мирко Узелац e иноватор кој зад себе има повеќе изуми...

Мирко Узелац e иноватор кој зад себе има повеќе изуми. Неговиот последен пронајдок е минимизатор за пластичен отпад. Го намалува волуменот за десет пати. Мирко вели дека засега никој не пројавил интерес овој пронајдок да го стави во масовна употреба. Чукнал на повеќе врати, но без резултати.

„Македонија е мал и сиромашен пазар. Многу е тешко да се реши некој за голема инвестиција ако нема пазар. Затоа пронајдоците мора да се заштитат надвор, ако не го направите тоа, ништо не сте направиле. Но моето прашање е зошто да го продадам патентот, кога може да си ја најде својата применливост тука, да се отворат погони, да се вработат луѓе“, вели Узелац. 

Од 6.000  новоотворени фирми лани дури 2.000  биле од трговијата. Професорот Поленак вели дека наместо производствени капацитети се почесто се отвараат трговски центри.

„И на запад е така услужниот сектор е тој што интензивно се развива. За да се купи некоја посериозна машина од 50 до 100.000 евра  треба и сериозна инвестиција. Потешко е  да се започне таков бизнис. Големи се очекувањата од инвестицискиот фонд“, вели професорот Поленак. 

Експертите велат дека ова е резултат и на банкарските принципи да не финансираат старт-ап бизниси, па варијантата е мал бизнис, најчесто трговија. 
Македонија веќе го усвои Законот за иновациска дејност, формиран е Фонд за иновации  кој финансиски ќе ги помага пронаоѓачите, кои како Мирко чекаат нивниот изум да најде и практична примена. 
 
Дијана Ценевска