СБ: Македонија вложува напори за намалување на невработеноста

27.01.2014 16:51

Светска банка го презентираше новиот Регионален извештај...

Светска банка (СБ) го презентираше новиот Регионален извештај. Во фокусот прашањето – како до нови работни места во Европа и вo Централна Азија. Генералната оценка за Македонија е дека земјава вложила најголеми напори во спроведувањето на реформите, кои овозможуваат отворање нови работни места.
 
Забрзување на стечајните постапки, подобрување на вештините за намалување на јазот меѓу понудата и побарувачката на работна сила, намалување на даноците на трудот кај ниско платените и работниците на определено време. Ова се дел од препораките на Светска банка за намалување на невработеноста.  
 
“Македонија е една од земјите во регионот кои вложија најголеми напори во реформите. Овие реформи имаат за цел да ја подобрат регулативата и да му овозможат на приватниот сектор да се развива и да отвора нови работни места. Искуството покажува дека е потребно време за овие мерки да дадат резултати, но во Македонија по цели две децении стапката на невработеност се спушти под 30 проценти”, изјави Омар Ариас, ко-автор на Извештајот.
 
Според СБ, спроведените реформи треба да овозможат реалниот сектор да го преземе товарот на отворање нови работни места. 
 
“Во Македонија се намалил уделот на јавната администрација во вкупната вработеност и овој тренд треба да се задржи”, изјави Омар Ариас,  коавтор на Извештајот.
 
Најголем проблем останува недостигот од квалификувана работна сила, особено во делот на металската, електротехничката и прехранбената индустрија. 
 
“За нас е неверојатен феноменот дека во Македонија има толку многу невработени лица, а работодавачите не можат да најдат квалификувана работна сила”, изјави Антони Пешев, претседател на Собранието на СКМ. 
 
Според властите, подобрувањето на бизнис – климата создава услови за нови работни места, а  со оперативниот план на Владата, годинава треба да се отворат повеќе од 4.000 работни места.
 
Последниот извештај на Светска банка ги опфати Европа и Централна Азија. Во него е наведено дека Македонија се приближува до напредните реформатори, земјите од ЕУ. 
 
Мартин Пушевски