Тенис грен - слем

Ѓоковиќ - Мареј за париската слава

03.06.2016 19:03

Како се доближува крајот на Ролан Гарос, првиот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ игра на шампионско ниво...

Отсуството на Роџер Федерер и повредата на Рафаел Надал го осиромашија 115-то издание на Ролан Гарос, но завршницата на вториот тениски грен - слем сепак нуди возбудувања. Двајцата најодбро рангирани светски тенисери Новак ѓоковиќ и Енди Мареј по седмипат ќе се соочат во елитно финале, првпат во Париз.

Како се доближува крајот на Ролан Гарос, првиот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ игра на шампионско ниво. Србинот влезе во четвртото финале на единствениот турнир од големата четворка којшто се уште не го освоил. Талентот на 13-от носител, Австриецот Доминик Тием не беше доволен за поконкретен отпор во полуфиналето. Ѓоковиќ славеше убедливо со 6:2, 6:1 и 6:4 и во дваесетото грен – слем финале ќе се обиде да дојде до 12-та титула.

Британецот Енди Мареј, пак, е причината што Ѓоковиќ нема да може да му се раваншира на  Станислас Вавринка за поразот во ланското финале. Британецот беше подобар од Швајцаерот и триумфираше со 6:4, 6:2, 4:6 и 6:2 за 10-то големо финале. Ова е најголем успех на Мареј на париската земја.

Во меѓусебните дуели Ѓоковиќ е поуспешен и вкупно 23:10 и во грен - слем финалињата, 4:2, а славеше и во единствениот меч на Ролан Граос ланиво полуфиналето и тоа во пет сета. Преносот од финалето ќе биде в недела на МТВ1 во 15 часот.