Тенис - Ролан Гарос

Во Париз како во Лондон, Серена Вилијамс - Мугуруза за пехарот

03.06.2016 19:05

Дуелот на Американката и на шпанската тенисерка ќе биде реприза на финалето на ланскиот Вимблдон...

Серена Вилијамс ќе ја брани титулата на вториот тениски грен - слем, Ролан гарос, Гарбиње Мугуруза ќе се обиде да го освои првиот голем турнир во кариерата.

Дуелот на Американката и на шпанската тенисерка ќе биде реприза на финалето на ланскиот Вимблдон. Мугуруза го загуби, но в сабота со пренос на МТВ1 во 15 часот, ќе има можност за реванш откако со 6:2 и 6:4 беше доминантна во париското полуфинале против Австралијката, Саманта Стосур. Иако Серена има подобар меѓусебен биланс, 3:1, шансата на четвртата фаворитка Мугуруза е земјениот терен. Токму на Ролан Гарос 22-годишната Шпанка пред две години во второто коло убедливо со двапати по 6:2 ја совлада Вилијамс.

Актуелната и тројна шампионка, Серена Вилијамс не блескаше, но благодарение на искуството триумфираше против Холанѓанката, Кики Бертенс со 7:6 и 6:4. Како прворангирана, Американката ќе се обиде да го освои 22-от грен - слем трофеј и да се израмни со најуспешната во историјата, легендарната Германка, Штефи Граф.