ЛОИ Рио

Расчекор меѓу жеблите и ограничените можности

01.08.2016 18:18

Несомнено, Бразилците можат да му донесат карневалска возбуда на секој спортски настан. Но можат ли да ја обезбедат организациската прецизност којашто е основен услов за успешна Олимпијада?

По седумгодишни подготовки и вложени 12 милијарди долари, Рио ја отвори душата пред светот. Натпреварувачи од 206 земји ги запознаваат 37-те олимписки борилишта. Најпознатиот бразилски град е „свет во мало“. Деновите се намалуваат, има се помалку време за последните корекции. А тие не се во нијанси, туку се длабочински на неколку објекти. Викендов откажа главната пристапна рампа во „Марина да Глориа“ каде што едриличарите ќе се натпреваруваат за олимписките медали. А тоа е симболика на се што му се случува на Бразил во организацијата на Игрите.

„Секоја Олимпијада се соочува со предизвици, но Рио ќе биде подготвен“, категоричен е претседателот на ИОК, Томас Бах, отфрлувајќи ги коментарите за квалитетот на градежните работи и за несигурноста на објектите.

„Во Бразил постои тенденција работите да се вршат во последен миг и да се импровизира“, вели професорот Рикардо Тешеира којшто е експерт за маркетинг. случајот со метро линијата 4 ги потврдува неговите зборови. Иако беше предвидено да почне да се упортебува на први јули, првите патници на оваа линија којашто оди до Олимпискиот парк, ќе се возат на денот на отворањето на Игрите. На реакцијата на австралиската експедиција на изгледот на Олимпиското село, градоначалникот на Рио остро рече: „Не доаѓајте во Бразил очекувајќи дека ќе ја видите Австралија“!

Наспроти желбата на гордите Бразилци да бидат одлични домаќини, се разгорува политичката дебата во земјата, како што беше и пред две годинив со светското фудбалско првенство. Милиони жители на Бразил меѓу кои полицајци, просветни и здравствени работници веќе го почувствуваа финансискиот притисок поради големите трошоци. Платите доцнат, се исплаќаат на рати или воопшто не се исплаќаат, па незадоволните повторно протестираа и побараа оставка од претседателката Дилма Русеф. Силниот напредок во поглед на инфраструктурата нема да ја намали сиромаштијата, но објектите ќе останат во трајно наследство на следните генерации. Странците ќе дојдат и ќе заминат, а со церемонијата на свеченото отворање на Игрите в петок навечер, 12 милиони граѓани на Рио Де Жанеро ќе ги почувствуваат придобивките, коишто да не беше Олимпијадата, за нив се уште ќе беа слика од големото платно.