200 граѓани дневно со поплаки до АЕК

31.01.2014 14:19

Околу 200 граѓани днeвно минатата година се обраќале до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за да пријават проблем...

Околу 200 граѓани днeвно минатата година се обраќале до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за да пријават проблем или да се посоветуваат во врска со некоја телекомуникациска услуга. Контакт-центарот на Агенцијата во 2013 година регистрираше рекорден број на јавувања, односно 71.905.  
 
Најмногу јавувања во контакт-центарот имало за време на дигитализацијата на телевизискиот сигнал, кога на 01.06.2013 година беше целосно исклучен аналогниот сигнал, при што граѓаните се соочија со проблеми поврзани со приклучувањето на дигиталните приемници на постоечките аналогни телевизори, како и со пребарувањето на телевизиски канали. Во овие случаи контакт-центарот, во соработка со вработените во Секторот за радиокомуникации и во
 
Секторот за контрола и мониторинг на радиофреквенциите, ги советуваше граѓаните како да ги надминат проблемите.
 
Исто така, еден од најчестите проблеми на кој се жалеa граѓаните до АЕК се СМС наградните игри во организација на два домашни мобилни оператори оваа есен, при што корисниците што се чувствуваа измамени од својот оператор се обраќаа во контакт-центарот за да се посоветуваат за начинот на кој можат да го надминат проблемот и како да се заштитат во иднина од исти или слични ситуации.
 
Контакт-центарот на АЕК е во функција од 2011 година и може да се добие на бесплатниот број 190. 
 
Во АЕК се задоволни со зголемената свесност кај граѓаните за постоењето на Контакт-центарот и од сè поголемиот број на јавувања, бидејќи тоа освен што и дава можност на Агенцијата да ги заштити правата на граѓаните, исто така, претставува еден од начините преку кој АЕК се информира за неправилностите на операторите, за квалитетот на услугите на пазарот на електронски комуникации и за полињата во кои се потребни дополнителен напор и подобрувања.