Тенис - САД ОПЕН (финале)

Вавринка му ја одзеде круната на Ѓоковиќ

12.09.2016 15:43

11 финалиња по ред Вавринка победува, последен пат во меч за трофеј загубил пред три години.

Станислас Вавринка е специјалист за финалиња и за големите дуели, особено против Новак Ѓоковиќ. И до третата грен - слем титула во кариерата, прва во Њујорк, Швајцарецот дојде совладувајќи го српскиот тенисер со 3:1.

11 финалиња по ред Вавринка победува, последен пат во меч за трофеј загубил пред три години. Кога во 2014-та го освои првиот голем турнир, Австралија ОПЕН, Вавринка беше подобар од Ѓоковиќ во четвртфиналето, минатата сезона на Ролан Гарос славеше во финалето, максималниот  ефект во мечевите за грен - слем пехари, Стан го надополни со дебитанскиот американски трофеј и тоа, пак, против најдобриот светски тенисер.

3:1 за Вавринка, само во првиот сет Ѓоковиќ беше подобар 7:6, во следните, Швајцарецот беше речиси непогрешлив со форхенд ударите надополнети од вообичаено квалитениот еднорачен бекхенд, 6:4, 7:5 и 6.3. Србинот кој неколку пати поради плускавци бараше лекарски тајм - аут призна дека тоа не е причина за само петтиот пораз во 24-от меѓусебен дуел, туку одличната игра на Вавринка и брејк топките.Швајцарецот искористи шест од десет, Србинот само три од седумнаесет, па затоа  остана на 12 грен - слем трофеи и го загуби петтото од седумте финалиња на Флашинг Медоус.

Варвинка ја заработи најголемата награда во историјата на тенисот, 3,5 милиони долари и  вторпат во кариерата е трет на АТП листата. Првпат по подолго време разликата меѓу лидерот Ѓоковиќ и второпласираниот Британец, Енди Мареј е помала од пет илјади бодови.