Ново ракометно дерби за Вардар, по Веспрем, на ред е Загреб

13.09.2016 16:18

Фактот што Веселин Вујовиќ повторно ќе биде пред скопската публика му дава дополнителен шарм на денешниот дуел. Поранешниот вардаров тренер мина лошо на ланското гостување во „Јане Сандански“ и загуби со убедливи девет гола.

Ракометниот земјотрес од натпреварот со Веспрем, Вардар сака да го пренесе и против Загреб. Ако Унгарците се првиот, хрватскиот тим е вториот ривал за македонскиот првак на патот до врвот во СЕХА лигата. 14-те досегашни натпревари во регионални рамики посочуваат дека ова е најдолгото ривалство во конкуренцијата во којашто црвено-црната и сината боја се вкрстуваа во едно финале и во три полуфиналиња.

Фактот што Веселин Вујовиќ  повторно ќе биде пред скопската публика му дава дополнителен шарм на денешниот дуел. Поранешниот вардаров тренер мина лошо на ланското гостување во „Јане Сандански“ и загуби со убедливи девет гола. Иако победи во „Арена“ со пет, темпераментниот ракометен стратег сигурно има мотив овој пат во Скопје да доживее поинаков епилог, особено што му тежи и поразот во полуфиналето на завршниот турнир во Вараждин.

Загреб се уште ја брка вистинската форма за оваа фаза од сезоната. Во СЕХА почна со триумф во единствениот досегашен меч во којшто го совлада Нексе со шест гола. Вардар одигра нерешено со Мешков, потоа се радуваше против Металург, а во саботата беше доминантен против Веспрем, остварувајќи го тоа што не успеа во цела ланска сезона. Блесна Милиќ, диктираше Карачиќ, така што не се почувствува отсуството на повредениот Абутовиќ. Вардаровиот лекарски тим не сака да ризикува, па специјалистот за одбрана нема да биде во составот ниту денеска. Проблеми има и Загреб затоа што нема да настапат Шебетиќ и Павловиќ, па бековската линија ќе има помала широчина. Но Вори се врати  во својот Загреб, од Словенија стигна тројно засилување Миклавчиќ, Скок, Цингесар, тука се Стевановиќ, Хорват, Тончи и Јосип Валчиќ, така што Вујовиќ има добра основа да го носи тимот во нагорна линија и во третата сезона на неговото кормило. Се надеваме дека денеска нема да мине во Скопје. Преносот е за некоја минута на истиот канал.