Недостатокот на политичка волја- клучен проблем за спроведување на реформите

13.09.2016 16:47

Аналитичарите не се изненадени од извештајот на Европскиот ревизорски суд. Сметаат дека клучен проблем е недостигот на политичката волја за спроведување на реформите...

Недостатокот на политичка волја во земјава го попречува успехот на проектите во областите на владеење на правото- велат од Институтот за европска политика. Токму ова е и најслабата точка нотирана во извештајот на Европскиот ревизорски суд. Се истакнуваат и прашањата како реформите во медиумите, граѓанското општество и борбата против корупцијата.  

„Може да се очекува  поголема внимателност од Европската комисија, поголемо условување бидејќи самиот суд и препорачува на Европската комисија да го употреби механизмот на условеност на повеќе точки во имплементацијата на проектите и да биде построга кон резултатите кои што ги очекува“, вели Симонида Кацарска – истражувачки координатор во Институтот за европска политика.

Овој извештај е препорака, директива, која може да се прифати, модифицира или прилагоди. Професор Кожухаров, смета дека овој извештај не е драматичен. Фондовите на Европската комисија за Македонија од 2014 до 2020 година се зголемени. 

„За претходниот период за не цели седум години 615 милиони евра беа одобрени, а исто толку се одобрени со зголемувањето од 10 проценти. Предвидено е од 2014-та до 2020-та година да бидат 660 милиони евра. Значи нема намалување, туку зголемување од околу 10 проценти на дондовите кои се ставаат на располагање на нашата држава за да може да ги регулира, усогласи насоките“, изјави проф. д-р Сашо Кожухаров, Универзитет за туризам и менаџмент.

Според, Европската комисија земјите пред приемот во Европската унија треба да бидат комплетно подготвени во сите сегменти. Денешниот извештај само го потврдува тоа.

 

Андријана Атанасовска