КОНКУРС ЗА ИЗБОР НА МУЗИЧКИ КОМПОЗИЦИИ ЗА ФЕСТИВАЛОТ НА ЗАБАВНИ МЕЛОДИИ - „СКОПЈЕ 2016“

20.09.2016 14:52

Македонската Радио Телевизија, распишува конкурс за избор на оригинални необјавени современи авторски композиции, забавни мелодии, кои ќе бидат изведени во придружба на Ревискиот оркестар на МРТ, на Фестивалот „Скопје 2016“, кој ќе се одржи во ноември 2016 година.

Конкурсот трае до 3-ти октомври 2016 година.

Кон уредно пополнетата пријава за секоја композиција, неопходно е да се достават и изјави за согласност за учество на фестивалот, и тоа поединечно за секој од членовите на авторско - изведувачкиот тим.

Потребно е да се приложи демо снимка на аудио ЦД или во WAV формат.

Демо снимката со максимално времетраење до 4 минути треба да е квалитетно изработена, со разбирлива вокална линија и хармонија.

Потребно е да се приложи отпечатен текст во три примероци.

Текстот треба да биде на македонски јазик.

Македонската Радио Телевизија, го задржува правото на интервенции во мелодијата, хармонијата и текстот, доколку стручниот одбор на фестивалот одлучи дека е потребно. 

Фестивалот на забавни мелодии Скопје 2016, го задржува правото на избор и промена на аранжер и изведувач за секоја од композициите, а во согласност со авторско-изведувачкиот тим.

Македонската Радио Телевизија го задржува правото на прво јавно изведување, пренесување на право на аранжирање, снимање, издавање, радиодифузно емитување и реемитување на композициите кои ќе бидат изведени на фестивалот.

Право на учество на конкурсот, имаат сите државјани на Република Македонија, како и автори и изведувачи вон Република Македонија - со напомена дека текстовите на композициите мораат да бидат на македонски јазик.

На Фестивалот на забавни мелодии Скопје 2016, композициите ќе се изведуваат на македонски јазик.

Секоја композиција која што ќе биде избрана на овој конкурс, ќе добие финансиски надомест во бруто вредност од 60.000,00 денари, наменети за комплетниот авторско - изведувачки тим.

Фестивалот Скопје 2016 ќе биде со натпреварувачки карактер. Победничката композиција ќе биде наградена со сума од 600.000,00 денари, второпласираната композиција со награда од 450.000,00 денари и третопласираната со сума од 300.000,00 денари бруто вредност.

Средствата за надомест на композициите, како и паричните награди за трите првопласирани композиции, ќе бидат распределени по принципот: 25% за секој од членовите на авторско - изведувачкиот тим (музика/текст/аранжман/изведувач).

Пријавата со демо снимката на ЦД, во затворен коверт се испраќа по пошта на адреса: МАКЕДОНСКА РАДИО ТЕЛЕВИЗИЈА со назнака ЗА ФЕСТИВАЛОТ СКОПЈЕ 2016.

Бул: Гоце Делчев бр.18, 1000 Скопје, Република Македонија, или се доставува во архивата на ЈП МРТ.

МРТ го задржува правото на нарачки на композиции.

Материјалите кои што нема да бидат избрани на овој конкурс, МРТ нема обврска да ги враќа на авторите.