САД блиски и кон Македонија и кон Грција

01.02.2014 09:15

Македонија е близок сојузник и пријателска држава и го поддржуваме разрешувањето на спорот со името...

Македонија е близок сојузник и пријателска држава и го поддржуваме разрешувањето на спорот со името, изјави Директорот за Југоисточна Европа во американскиот Стејт Департмент, Џонатан Мур. Одговарајќи на прашање од Македонската телевизија, дали помошникот државен секретар за Европа и евроазиски прашања Викторија Нуланд при посетата на Атина во недела ќе разговара и за спорот со името со грчките политичари, Мур одговори:

„Што точно ќе се разговара при посетата на Грција, останува да видиме по средбите. Можам да кажам дека прашањето со спорот со Македонија ни е секогаш на ум, и продолжуваме да имаме иста политика. Ова прашање го отвораме со Грција на билатерално ниво со тоа дека е потребно да има разрешување за да Македонија може да оди напред“, вели за МРТ, Џонатан Мур-Директор за Југоисточна Европа во Стејт Департмент.

Грција како земја членка на НАТО и на ЕУ ја кочи евроинтеграцијата на Македонија , иако се обврза со Временета Спогодба да не го прави тоа, оценува експертот од Универзитетот „Џонс Хопкинс“, Едвард Џозеф, според кого, крајно време е да се реши сериозниот, но смешен спор.

„Кога зборуваме за Македонија, Соединетите Американски Држави навистина малку направија околу спорот. Имаше криза во 2004-та, па дури тогаш САД ја признаа Македонија под уставното име“, оценува  Едвард Џозеф- од Центарот за трансатлантски односи при „Џонс Хопкинс“ Универзитет во Вашингтон.

САД се лидер и основачи на НАТО и конечно треба да направат напор Македонија да стане членка на следниот Самит.

Директорот за Југоисточна Европа во Стејт Департментот, Џонатан Мур, најави дека САД ќе продолжат да работата на проширувањето на НАТО и на ЕУ.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник на МРТ од Вашингтон