Фудбал - Квалификации за ЕП до 21 год. (Македонија - Шкотска)

Победа и малку среќа за историја

30.09.2016 14:39

„Важноста на овој натпревар доаѓа како резултат на претходните девет коишто ги одигравме на високо ниво. На дуелот против Шкотска гледам како не еден од десете. Сами сме „виновни“ што сме први во групата и сигурен сум дека фудбалерите ќе дадат максимум за да оствариме победа“, изјави селекторот, Благоја Милевски.

Изгледа едноставно, потребна е победа и малку среќа за најголем успех во историјата на македонскиот фудбал, пласман на младата репрезентација на Европското првенство. Со пет триумфи, три нерешени и со само еден пораз, Македонија е лидер во третата квалификациска група со бод повеќе од Франција и два од Исланд којшто има и меч помалку. Фудбалот не признава бројки и калулации, но ситуацијата е јасна, нашата селекција до 21 година со триумф против Шкотска на Арената Филип Втори Макдонски во Скопје ќе игра бараж, за директен пат во Полска, потребно е и Исланѓаните да не слават барем на еден од домашните дуели со Шкотска или со Украина.

„Важноста на овој натпревар доаѓа како резултат на претходните девет коишто ги одигравме на високо ниво. На дуелот против Шкотска гледам како не еден од десете. Сами сме „виновни“ што сме први во групата и сигурен сум дека фудбалерите ќе дадат максимум за да оствариме победа“, изјави селекторот, Благоја Милевски.

Македонија на гостувањето во Единбург беше подобра со 1:0, Шкотска е претпоследна со осум бода и не е во игра, па почна да ги вклучува и фудбалерите од репрезентацијата до 19 години, но дел од седумминатата нови играчи доаѓаат од академиите на Челзи, Њукасл, Ридинг, Селтик и на Ренџерс.

„Шкотска има нови фудбалери, но сметам дека сега е посилна од првиот меѓусебен дуел, па за да победиме ќе треба да одиграме подобро. Ако мислиме дека однапред сме го добиле натпреварот, тоа може да ни се врати како бумеранг. Затоа не очекува тежок меч“, претпазлив е Милевски.

Колективноста и атмосферата се меѓу клучните елементи за досега постигнатото коешто ја овозможи шансата на оваа, на претходните, можеби и на иднините генерации, па македонскиот состав не се менува. Иако не играат во клубовите нема сомнение дека Бабунски, Аврамовски, Бејтулаи и Демири ќе бидат на потребното ниво. Барди е во конкуренција иако деновиве ќе биде на лекарска терапија, додека првпат во овој циклус меѓу 22-цата се и Селмани и Попзлатанов.

11 октомври 2016-та година, може ли да биде нов македонски празник, фудбалски!?