Убедлив пораз во дебитантскиот настап во АБА

Крка – Карпош Соколи 81:64

01.10.2016 20:25

Крка газеше во првото полувреме, нозете на скопскиот тим беа тешки, одбраната бавна, грешките се редеа, а противникот доминираше во скокот и даваше лесни поени. Резултатот растеше.

Со само десетина добри минути не може да се избегне пораз во Јадранската лига. Квалитетот на АБА друштвото Карпош Соколи го почувствува во Ново Место. Крка газеше во првото полувреме, нозете на скопскиот тим беа тешки, одбраната бавна, грешките се редеа, а противникот доминираше во скокот и даваше лесни поени. Резултатот растеше. 28-16 на крајот на првата четвртина, 26-14 во втората, по што освојувачот на словенечкиот Суперкуп замина на одмор со 54-30. Исто беше и во првите минути од тртетиот период кога Крка дојде до највисоката разлика од 29 коша.

И веројатно кога сфатија дека се соочени со тежок пораз и се ослободија од психолошкото оптоварување поради дебитантскиот настап во најсилната квалитативна конкуренција во којашто клубот некогаш настапувал, играчите на Карпош Соколи влегоа во серија. По 30 минути беше 67-50, а македонскиот претставник дојде и до само девет негатива. Но сепак, немаше сили за комплетно да ја загрози предноста на ривалот.

На крајот 81-64, како реален одраз на настаните на теренот. Зековиќ даде 13, а Дувњак и Вркиќ по 11 коша за Карпош Соколи. Кај Крка и на мечот воопшто, најефикасен беше поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје Марко Луковиќ со 19 поени. Наредниот натпревар Карпош ќе го одигра в среда, дома против Игокеа.