Голем успех за македонскиот автомобилизам

Прва победа на Стефановски во ЕТЦЦ

02.10.2016 16:28

На легендарната писта Имола, популарниот Иџе извозе извонредна трка со летечки старт. Почна од четвртото место во вториот ред, но уште веднаш ги мина Пелинен и дотогаш водечкиот во генералниот пласман Фулин, напредуваше за две позиции и влезе во трка за врвот со Рихард...

Првапат со возило со нова спецификација и веднаш одличен спортски резултат. Игор Стефановски ја забележа првата победа во Европскиот куп за туристички автомобили, а Швајцарецот Крис Рихард стана шампион за 2016-та во оваа автомобилистичка категорија. На легендарната писта Имола, популарниот Иџе извозе извонредна трка со летечки старт. Почна од четвртото место во вториот ред, но уште веднаш ги мина Пелинен и дотогаш водечкиот во генералниот пласман Фулин, напредуваше за две позиции и влезе во трка за врвот со Рихард. Првото претекнување не траеше долго, но по второто во четвртиот круг популарниот „Иџе“ беше доминантен и со предност од повеќе од пет секунди мина прв низ целта. За двократниот европски првак на ридски патеки, тоа беше прва победа во ЕТЦЦ трка. Во втората, Стефановски се судри со Труфер во четвртиот круг и не стигна на целта. На крајот на сезоната со вкупно 14 бодови се најде на деветтото место во конечниот пласман. Да имаше возило со нова спецификација како што тоа беше случај денеска, шансите за пиедестал ќе беа големи.

А во битката за највиското место на него, Швајцарецот Крис Рихард со помош на тимската тактика беше поуспешен од Чехот Петр Фулин. Искусниот Чех, кој е двократен првак во оваа конкуренција, киксна во првата трка денеска и ја загуби предноста од еден бод во однос на 21-годишниот Рихард. Потоа во втората иако беше најбрз, Пелинен му го отстапи второто место на клупскиот колега Рихард, што за него значеше прв трофеј. Двајцата имаат ист број бодови и ист број први места сезонава, па пресуди фактот што Рихард трипати беше второпласиран, а Фулин двапати. Третото место во генералниот поредок му припадна на Унгарецот Наѓ.