ППД Загреб – Металург 29:20

12.10.2016 10:36

Иако Металург се стабилизираше и го неутрализираше ефектот на голманот Скок, но на почетокот на второто полувреме ракометарите на Червар седум минути не ја погодија противничката мрежа, па уште тогаш стана јасно дека нема никаков простор за изненадување во „Сутинска врела“.

Загреб беше фаворит и лесно го совлада Металург. Му требаше победа и ја оствари, и тоа најубедливо досега во меѓусебните дуели. За конечните 29-20 хрватскиот состав не се потроши премногу, а  во екот на резултатската криза тренерот Вујовиќ го доби потребниот импулс пред саботниот дуел со Мешков во Лигата на шампионите.

И што е најважно, ја сочува свежината кај играчите, а некои од нив одиграа за зголемено ниво на самодоверба. Металург имаше премногу осцилации како и против Татран и Чеховски медведи во елитната конкуренција и постојано бркаше резултат. До 15-тата минута македонскиот тим даде само два гола, па сигурната одбрана не можеше да направи магија. Загреб дојде до 7-2, а на пауза замина со 13-10.

Иако Металург се стабилизираше и го неутрализираше ефектот на голманот Скок, но на почетокот на второто полувреме ракометарите на Червар седум минути не ја погодија противничката мрежа, па уште тогаш стана јасно дека нема никаков простор за изненадување во „Сутинска врела“.

Драгаш и Костески завршија со пет гола, Обрадовиќ со четири, сите во првиот дел, Пешевски со три, Талески со два, а Брајовиќ со еден гол. Арсиќ имаше шест одбрани од коишто пет до паузата.

Кај Загреб одлично издание имаше голманот Скок со 13 интервенции. Најефикасни беа Контрец и Мандалиниќ со по пет гола. Со четвртата победа во петтиот СЕХА натпревар, Загреб ќе се пробие на второто место на табелата, а металург го претрпе четвртиот пораз и засега ќе остане седми.