Ракомет - СЕХА лига

Вардар против Извиѓач како подготовка за Сегед

12.10.2016 17:05

Вардарци не го потценуваат шампионот на Босна и Херцеговина, но јасно е дека ова треба да биде само последна подготовка за елитниот дуел в недела дома против Пик Сегед. Оттаму тренерот Раул Гонзалез веројатно ќе им даде можност на оние со помала минутажа.

Првиот против последниот, најдобриот напад против најслабата одбрана, двојниот шампион против повратникот, искуството против младоста, сите елементи се на страната на Вардар во мечот од шестото коло против Извиѓач, но најмногу квалитетот. Се освен седма победа на црвено - црните во Сеха лигата и 10-та врзана сезонава би било сензација. Вардарци не го потценуваат шампионот на Босна и Херцеговина, но јасно е дека ова треба да биде само последна подготовка за елитниот дуел в недела дома против Пик Сегед. Оттаму тренерот Раул Гонзалез веројатно ќе им даде можност на оние со помала минутажа.

По три сезони Извиѓач се врати во регионалното натпреварување коешто го почна со пет порази, но покажа потенцијал во домашните мечеви против Целје и Загреб коишто ги загуби со еден, односно два гола разлика. Екипата од Љубушки по пауза од 11 години ја освои петтата домашна титула и тоа со просечна возраст на ракометарите од 20 години. Тренерот Здравко Грбовац е свесен за тежината на гостувањето во Јане Сандански и очекува само добар отпор пред двонеделната пауза.

Македонскиот и босанкиот првак имаат меѓусебна традивција од шест натпревари. Вардар славел на вкупно пет и на сите четири во Сеха конкуренцијата, но пред пет години, Извиѓач беше поуспешен во второто коло на Купот на ЕХФ со пораз во Скопје од два гола, но победа во Љубушки од три разлика.

Преносот од дуелот Вардар - Извиѓач ќе биде на МТВ1 во 20 часот и 30 минути.