Кошарка – Еврокуп, 1.коло

Болен пораз на МЗТ кај Лиеткабелис (90:89)

12.10.2016 20:31

Конечните 90-89 на крајот болат повеќе отколку да беше поразот убедлив, но храбри фактот што македонскиот првак одигра одлични 15-тина минути во второто полувреме и од целосно загубена позиција дојде на прагот на победа...

Од дното до врвот, а на крајот пак пораз. На тој начин може да се опише гостувањето на МЗТ Скопје кај Лиеткабелис во првото коло од Еврокупот. Конечните 90-89 на крајот болат повеќе отколку да беше поразот убедлив, но храбри фактот што македонскиот првак одигра одлични 15-тина минути во второто полувреме и од целосно загубена позиција дојде на прагот на победа. Тројката на Синовец на 3,4 секунди до крајот значеше предност на МЗТ од 89-88. Во последната акција Вилијамс шутираше од тешка позиција, не погоди обрач, а во скок топката ја прифати Таролис и со звукот на сирената му донесе победа на литванскиот состав.

Претходно „сините“ од Аеродром тешко влегуваа во ритам, играа лоша одбрана и разликата растеше. Од 27-22 по првиот период, до 50-35 на полувреме. А кога Лиеткабелис поведе со 23 коша во текот на третата четвртина изгледаше дека се е готово. На крајот излезе дека бодови нема, но позитивно е тоа што конечно МЗТ одигра дел од натпревар на потребното ниво. Синовец даде 20 поени, Луќиќ 17, Теимс 14, Клоф и Скот по 13, а Лалиќ 10 коша. Кај Лиеткабелис најефикасен беше Кшиштоф Лавринович со 18 коша, но јунак е Таролус со 17, меѓу нив и решавачките во последната секунда.

Наредниот натпревар во Еврокупот МЗТ Скопје ќе го одигра за две недели дома протв Цедевита.