Лига на шампионите (м), 5.коло

ППД Загреб – Вардар 28:27

22.10.2016 21:36

Новиот тренер на Загреб, Силвио Ивандија, не можеше да најде решение за одбраната 5-1 на Вардар. Бековите на хрватскиот тим не можеа да се поврзат, направија многу грешки, а Вардар дојде до 17-12 на полувреме...

И во петтиот обид во Лигата на шампионите Вардар не го победи Загреб. Иако водеше со 17-12 на полувреме и имаше контрола на резултатот, сепак не успеа да остане непоразен. На крајот на семафорот пишуваше 28-27. Откако ја испушти контролата на резултатот, и среќата побегна од македонскиот првак. Дујшебаев ја погоди стативата во претпоследниот напад, а потоа извонредниот голман Стевановиќ го одбрани неговиот удар со звукот на сирената. Дотогаш Дујшебаев имаше пет гола од пет шута, но и тој не успеа да го најде лекот за бедемот на Стевановиќ, кој изброја 14 интервенции.

А долго време ништо не можеше да навести драма. Новиот тренер на Загреб, Силвио Ивандија, не можеше да најде решение за одбраната 5-1 на Вардар. Бековите на хрватскиот тим не можеа да се поврзат, направија многу грешки, а Вардар дојде до 17-12 на полувреме. Се чинеше дека со половина сила црвено-црните ќе ја остварат целта пред ноемвриските дуели со конкурентите за првото место во групата, Кјелце и рајн некар. Иако голаните Штербик и Милиќ не беа во ритам, првата криза на Врадр дојде дури во второто полувреме. Проработе левицата на Шебетиќ и десницата на Мандалиниќ, во бркотницата Загреб имаше повеќе адути, а откако одмори десетина минути, почна шоуто на голманот Стевановиќ. На 20-18 Гонзалес мораше да бара тајм аут, по којшто Вардар се врати на плус пет, 23-18, а Дибиров промаши контра за највисока разлика од шест гола. И потоа работите тргнаа во лоша насока. На 23-20 Стевановиќ му фати пенал на Чупиќ, а обрани во новиот удар по одбиената топка. Нашиот тим имаше два периода од повеќе од пет минути без гол, па на крајот во драматичната завршница, Дујшебаев не успеа да го постигне шестиот гол. По четири дадоа Дибиров и Чупиќ, а Борозан и Циндриќ по три. Кај Загреб поранешниот вардарец Марковиќ беше најефикасен со шест гола. Пет даде мандалиниќ, а по четири Шебетиќ и Хорват.

Идентично како лани кај Колдинг, и овој пат Вардар не успеа да сигне до најдобрата серија во Лигата на шампионите. И во „Арена“ нема „пет од пет“!