Татран Прешов – Вардар 29:35

Деветта победа на Вардар во СЕХА

29.10.2016 19:54

Клучна беше серијата од 6-2 откако Татран поведе со 8-6. Македонскиот тим го намести нападот во којшто Деревен, Македа и Карачиќ го бараа вистинскиот бековски ритам...

Трета сезона по ред, Вардар двапати слави против Татран во регионалната лига. Денеска без да се потроши, со одмор за петмина стандардни ракометари, црвено-црните во „Арена“ во Прешов ја забележа 13-тата победа во 15-от сезонски натпревар, деветта во десеттиот настап во СЕХА. Ангелов со 13 одбрани го даде првиот победнички импулс во играта на вардарци коишто го скршија противничкиот отпор во завршните десетина минути од првото полувреме.

Клучна беше серијата од 6-2 откако Татран поведе со 8-6. Македонскиот тим го намести нападот во којшто Деревен, Македа и Карачиќ го бараа вистинскиот бековски ритам. Откако го најдоа, на словачката екипа и немаше спас. Предноста од 24-17 во 36-тата минута значеше дека не може да има поинаков епилог. Кањељас и Циндриќ играа во второто полувреме, па иако на пат поведе неколку млади ракометари, Вардар имаше свежина за Татран. На крајот минутажа доби и резервниот голман Ѓорѓески кој забележа две интервенции, Вујачиќ и Поповски дадоа по еден гол, а Димитровски немаше можност да шуутира. Дибиров беше најефикасен со осум гола од коишто три од пенал, Македа даде седум, Деревен и Кањељас по четири, Карачиќ и Чупиш по три гола.Со два завршија Циндриќ и Фереира.

По репрезентативната пауза, наредните предизвици за Вардар се во Лигата на шампионите. На 12-ти номеври дома со Кјелце, а на 17-ти на гости кај Рајн Некар.