Фудбал - ЕП до 21 година (Полска 2017)

Македонија против еден шампион и двајца финалисти

01.12.2016 23:06

Македонија е во групата Б со четирикратниот шампион Шпанија, со финалистот од претходното првенство Португалија и со Србија којашто во 2009-та го освои второто место.

Кога на 11 октомври го остварија најголемиот успех, младите македонски фудбалери најавија дека не се задоволуваат само со учество на Европското првенство следната година во Полска. Како единствен дебитант, нашата репрезентација влезе со најнизок рејтинг на извлекување во Краков и за противници доби еден некогашен шампион и двајца финалисти. 

Македонија е во групата Б со четирикратниот шампион Шпанија, со финалистот од претходното првенство Португалија и со Србија којашто во 2009-та го освои второто место. На стартот на 21-от континентален шампионат, нашата млада репрезентација на 17 јуни следната година ќе игра со Шпанија во Бидгошч, три дена подоцна со Србија во истиот град, а во последниот натпревар на 23 јуни 2017-та со португалија во Гдиња.

Во конкуренцијата А, домаќинот Полска ќе се соочи со актуелниот првак Шведска, со двојниот шампион Англија  и со словачка. Ц сегментот, пак, го предводи Германија којашто има титула од пред седум години, а во овие квалификации победи на сите десет меча со просек од 3,5 постинати голови по натпревар. За првото место што води во полуфиналето ќе и конкурираат уште двајца некогашни јуниорски шампиони, Италија и Чешка, како и Данска.

Покрај победниците на трите групи, место во големата четворка ќе има и за второпласираната селекција којашто ќе собере најмногу бодови или ако е потребно ќе има најдобра гол разлика.