Кошарка - АБА лига (13 коло)

Морнар - МЗТ Скопје Аеродром 65:64

10.12.2016 20:20

Бар сепак триумфираше затоа што беше помалку лош. Во неквалитетен натпревар, со многу грешки и промашувања, МЗТ Скопје беше и во негатива од 14 поени, но имаше и слободни фрлања за продолжение.

МЗТ Скопје и натаму е гостин каков што посакуваат АБА противниците, аеродромци загубија и од Морнар со 65:64. Иако без Тејмс и Синовец, кошаркарите на македонскиот првак во Бар отпатуваа со добра доза оптимизам базирана на победата против Будуќност, како и на скромниот ефект на втората по вредност црногорска екипа.

Бар сепак триумфираше затоа што беше помалку лош. Во неквалитетен натпревар, со многу грешки и промашувања, МЗТ Скопје беше и во негатива од 14 поени, но имаше и слободни фрлања за продолжение.

Првата конкретна предност, Црногорците ја направија со серијата од 9:0 во финишот на вториот период кога се одвоија на 37:27. Аердромци во првото полувреме погодија само седум од 25 обиди од поле, па најмногу поради катастрофалниот шут, во 24-та минута губеа со 45:31.

Кога почна да функционира тимската игра, МЗТ Скопје незабележливо ја намалуваше негативата и на средината од последната четвртина стигна до само минус шест поени. Паниката се вмеша меѓу кошаркарите на Бар, па на 40 секунди до крајот, Дреновац со две слободни фрлања првпат на натпреварот донесе израмнување, 63:63. Во драматичниот крај, Џонс му побегна на Диабате за 65:63. На МЗТ Скопје му беа потребни два почетока за последната акција којашто заврши со прекршок врз Клоф. За несреќа, на седум десетинки до крајот, Холанѓанецот го промаши првото, го погоди второто, а немаше намера, па МЗТ Скопје го загуби и седмото регионално гостување сезонава.

Во лошата екипна статистика  од само 40 проценти реализација за два поена и мизерна една погодена тројка од 12 обиди, поединечно Клоф и Лалиќ собраа по 14 поени, Дреновац 10, Кларк 9, Скот 8, Диабате 7 и Симоновски 2. Кај Морнар којшто се израмни со МЗТ Скопје со по четири триумфи, сите дома и девет порази, двоцифрен поентерски ефект имаа само Волер со 11 и Џонс со 10 коша.

На стартот на вториот дел од регионалното натпреварување аеродромци ги очекуваат четири тешки меча, годинава дома со Црвена Звезда и на гости кај Партизан, а на почетокот на 2017-та во Скопје против Цедевита и во Загреб со Цибона.