Ракомет - СЕХА лига

Загреб причина за прв вардаров пораз

13.12.2016 19:39

28:26 во 11-то коло во коешто загрепчани беа домаќини во Вараждин, затоа што вардарци го одиграа најслабото полувреме сезонава во сите конкуренции.

Загреб ја прекина победоносната серија на Вардар на стартот на Лигата на шампионите, хрватскиот првак е и првиот што ги совлада црвено - црните во СЕХА натпреварувањето. 28:26 во 11-то коло во коешто загрепчани беа домаќини во Вараждин, затоа што вардарци го одиграа најслабото полувреме сезонава во сите конкуренции.

Без Абутовиќ и Кањељас, но и без препознатливата агресивност во одбраната и разновидност во нападот беше јасно дека Вардар и четврта година и петти меч по ред ќе биде поразен на гостувањата кај Загреб.  И без Мандалиниќ, Јотиќ и Обрадовиќ домашната екипа беше помотивирана и рационално ги користеше грешките на македонскиот шампион. Оттаму многу контри и лесни голови во првото полувреме, пет од седумте погодоци на Марковиќ, седум од девете одбрани на Стевановиќ и највисоки плус седум во натпреварот во 29-та минута.

Статистички, Вардар во вториот дел во којшто се обиде и со тактичкото изненадување со Карачиќ и Циндриќ како леви крила, беше поуспешен со 15:12, но до пристоен пораз дојде кога веќе немаше шанси за пресврт. Загреб сепак го контролираше дуелот бидејќи имаше повеќе расположени ракометари, па деветмина постигнуваа голови, Јосип Валчиќ реализираше пет. Кај црвено - црните Борозан, Чупиќ и Карачиќ постигнаа по четири, тројцата голмани заедно собраа девет интервенции.

Пред саботното гостување кај третопласираниот Мешков Брест, вардарци и натаму се лидери со 35 бода со 11 победи, две реми и само еден пораз. Сега Загреб е втор со 28 бода, два повеќе и натпревар помалку од белорускиот првак.