Ракомет - македонска репрезентација

Почна мундијалската операција „Франција 2017-та“

20.12.2016 18:13

На десетдневните подготовки во Маврово коишто почнаа денеска, ќе бидат 24 ракометари. Репрезентацијата ќе се комплетира во следните два дена со исклучок на Дејан Манасков и на Филип Миркуловски кои поради клупските обврски во Бундеслигата ќе се приклучат подоцна...

Машката ракометна репрезентација на Македонија во јануари следната година по петипат ќе учествува на Светско првенство или девети на големо натпреварување. На мундијалот во Франција резултатот е важен, целта е осминафинале, без разлика на паралелното подмладување и освежување на селекцијата. Првата фаза подготовки е основа за добар настап на планетарниот шампионат.

На десетдневните подготовки во Маврово коишто почнаа денеска, ќе бидат 24 ракометари. Репрезентацијата ќе се комплетира во следните два дена со исклучок на  Дејан Манасков и на Филип Миркуловски кои поради клупските обврски во Бундеслигата ќе се приклучат подоцна. Со проширениот стручен штаб, селекторот Лино Червар и ракометарите ќе работат на сите елементи, од физичка кондиција преку тактика до психологија.

По малата пауза поради Новогодишните празници, нашата репрезентација ќе одигра три контролни дуели со Босна и Херцеговина по коишто ќе бидат познати ракометарите кои ќе настапат на 25-то Светско првенство. Македонија е во групата Б во Мец со Шпанија, Словенија, Исланд, Ангола и со Тунис против кого ќе го одигра првиот натпревар на 12 јануари 2017-та. Четири репрезентации ќе обезбедат пласман во нокаут фазата. Екслузивните преноси од шампионатот во Франција ќе бидат на Македонската телевизија.

Заедно со најдобрата, на подготовки е и младата репрезентација на Македонија којашто од 4-6 јануари во Скопје во конкуренција на Полска, Португалија и на Турција ќе се обиде да биде најдобра и да се пласира  на Светското јуниорско првенство.