Четири нови електрични локомотиви за МЖ- Транспорт

10.01.2017 12:51

Станува збор за набавка што се реализира со кредитната линија на Европската банка за обнова и развој, преку која досега беа набавени 6 патнички возови, 150 товарни вагони, а се ревитализира и халата за одржување на Македонски железници- Транспорт.

Македонски железници- Транспорт потпишаа договор со кинеската компанија ЦРРЦ- Џуџоу за испорака на 4 електролокомотиви во вредност од 8 милиони евра. Станува збор за набавка што се реализира со кредитната линија на Европската банка за обнова и развој, преку која досега беа набавени 6 патнички возови, 150 товарни вагони, а се ревитализира и халата за одржување на Македонски железници- Транспорт.

„Набавката на четирите нови електрични локомотиви практично значи обнова на возниот парк по 40 години, доближување до европските и светските стандарди, обезбедување поголема безбедност и сигурност во железничкиот сообраќај, поголем број патници, поголема брзина, енергетска заштеда, заштита на животната средина, ефикасно работење и поквалитетни услуги“, истакна генералниот директор на МЖ-Транспорт, Никола Костов.

Заблагодарувајќи се за довербата, претседателот на ЦРРЦ, Џо Шин Ха, рече дека Македонија е важна југоисточна железничка транспортна зона и е постојано во фокусот на Џуџоу.