Четири нови електрични локомотиви за Македонски железници- Транспорт

10.01.2017 14:59

Македонски железници- Транспорт потпишаа договор со кинеската компанија ЦРРЦ- Џуџоу за испорака на 4 електролокомотиви во вредност од 8 милиони евра. Станува збор за набавка што се реализира со кредитната линија на Европската банка за обнова и развој, преку која досега беа набавени 6 патнички возови, 150 товарни вагони, а се ревитализира и халата за одржување на Македонски железници- Транспорт.

До крајот на декември годинава Македонски железници- Транспорт ќе ја добијат првата од четирите нови електролокомотиви, што ќе ги испорача кинеската компанија ЦРРЦ Џуџоу. Потпишан е договорот вреден 8 милиони евра, а набавката ќе се реализира преку кредитната линија на Европската банка за обнова и развој за обнова на возниот парк на Македонски железници- Транспорт.

„Ќе значи обнова на возниот парк по 40 години, доближување до европските и светските стандарди, обезбедување поголема безбедност и сигурност во железничкиот сообраќај, поголем број патници, поголема брзина, енергетска заштеда, заштита на животната средина, ефикасно работење и поквалитетни услуги“, изјави генералниот директор на МЖ-Транспорт, Никола Костов.

Новите кинески електролокомотиви на македонските пруги ќе се движат со брзина до 160 километри на час, а поединечно ќе можат да превезуваат композиции со вкупна тежина до 1.600 тони, односно за 30 насто повеќе во однос на постојните локомотиви.

„Можеме гордо да кажеме дека нудиме сеопфатни решенија за јавниот превоз да стане важна сила во Европа. Македонија се наоѓа на линија на пан-европските транспортни коридори 8 и 10 што претставува важна железничка транспортна зона. Македонија како наш пријател е постојано во нашиот фокус“, нагласи Жо Квинхе, претседател на управата на ЦРРЦ- Џуџоу, НР Кина.

Со кредитната линија на Европската банка за обнова и развој од 50 милиони евра, досега беа набавени 6 патнички дизел и електровозови, 150 товарни вагони, а во тек е ревитализација и модернизација на халата за одржување на Македонски железници-Транспорт. Иако беше предвидена набавка на 3 нови електролокомотиви, со направените заштеди на тендерите е овозможено купување на уште една, четврта електрична локомотива.

 

Свето Николовски