„Заборавени песни“- концерт на Македонската опера и балет за Василица

10.01.2017 15:09

Македонската опера и балет ја продолжува традицијата. По повод празникот Василица, ќе одржи концерт насловен како „Заборавени песни“. Ќе бидат изведени традиционални македонски песни со специјално подготвени аранжмани, но во програмата има и неколку популарни композиции...

Македонските народни песни со призвук на џез, вака ќе звучи традиционалниот василичарски концерт насловен „Заборавени песни“. Ќе бидат во изведба на Андријана Јаневска, а во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет.

Композиторот Илија Пејовски подготви специјален аранжман за песните. На репертоарот ќе бидат и досега неизведени народни песни. Ова за мене е огромна чест, но и огромен предизвик, вели Јаневска која долги години е дел од Македонската опера и балет.

Од МОБ најавија дека по завршувањето на Василичарскиот концерт, во фоајето ќе се крши пита со паричка и на оној кому ќе му се падне, ќе добие бесплатни влезници за сите настани на МОБ во текот на целата година. МОБ за новата сезона најавува богата програма.

 Василичарскиот концерт ќе се одржи на 12- ти јануари во 20 часот, а е во режија на Љупка Јакимовска, а под диригентската палка на Бисера Чадловска.

 

Викторија Милевска