Околу 140.000 ирачани го напуштиле Мосул

10.01.2017 16:42

Според податоците на Меѓународната организација за миграции, 23.000 семејства биле раселени од стартот на воената операција. Од 3-ти јануари секојдневно по речиси илјада луѓе се движат кон источниот дел на градот, каде што има кампови поставени од владата и од ОН.

Од почетокот на воената операција за протерување на милитантите од групата Исламска држава (ИД) од Мосул, речиси 140.000 ирачани ги напуштиле своите домови. Според податоците на Меѓународната организација за миграции, 23.000 семејства биле раселени од стартот на воената операција.

Јенс Лерке, портпарол на канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни работи изјави дека само на втори јануари околу 4.000 луѓе биле раселени од источниот дел на Мосул, што е една од најголемите преселби од почетокот на кризата.

Од 3-ти јануари секојдневно по речиси илјада луѓе се движат кон источниот дел на градот, каде што има кампови поставени од владата и од ОН. 

„Си заминуваме поради минофрлачите. Нашите домови се во ред, но си одиме заради бомбардирањето и минофрлачите“, вели жител на областа Мутана.

Постои сериозна загриженост за влошувањето на хуманитарната ситуација во Мосул и коридорот во Тел Афар, бидејќи војската со обиколување на областите го ограничила дотокот на хуманитарна помош.

Ирачките безбедносни сили, со поддршка на антиџихадиситичката коалиција предводена од САД, покренаа операција за повторно преземање на контрола над северниот град Мосул од ИД. Оттаму соопштуваат дека се на чекор да ги протераат милитантите од уште еден округ во градот.

Службата за борба против тероризмот соопшти дека повратиле уште една област и се стремат кон уште една, која им е многу значајна, бидејќи од таму ќе можат да имаат поголема контрола.

Офанзива за повторна контрола на Мосул, вториот по големина град во Ирак, започна на 17 октомври.

Марина Автовска