Обама: Силата на САД е во обичните луѓе

11.01.2017 10:23

Силата на Соединетите Американски Држави е во обичните луѓе коишто ги бранат основните човекови права, изјави американскиот претседател Барак Обама во својот говор за збогување до Американците.

Америка е подобра и посилна сега отколку пред осум години, изјави американскиот претседател на заминување Барак Обама во своето последно обраќање до нацијата во Чикаго. Според него, направен е напредок во демократијата и економијата, но сѐ уште треба да се подобрува. Ако некој го подобри „Обамакеир“, јас прв јавно ќе го поддржам, изјави Обама потсетувајќи на главниот закон од своето наследство.

„Вие сте промената. Одговорив на надежта на луѓето и поради Вас со речиси секоја моја мерка, Америка е подобро и посилно место отколку кога почнавме“, нагласи Обама во својот последен говор како претседател на САД.

Како држава успеавме да ги подобриме односите со Куба, да ја стопираме иранската нуклеарна програма без испукан куршум, да го уништиме лидерот на Ал-Каеда, да овозможиме еднаквост за сите при склучување на бракови, постигнавме договор за климатски промени што ќе ја спаси планетата. Обама потсети дека во демократијата не сите се согласуваат но ги почитуваат владеењето на правото, слободата на говорот и вера, што според него сега е загрозено. Америка треба да продолжи да се брани од тероризмот и нападите од странски држави, заклучи 44-тиот американски претседател Барак Обама.

Американскиот претседател Барак Обама заминува од функцијата со над 50 проценти поддршка од Американците.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ