Атина блокирана од снег, состојбата со мигрантите критична

11.01.2017 11:57

Сликата на Атина под снежна обвивка по целовечерните врнежи од снег не е видена во последната декада. Поради снегот кој што предизвика помали застои во сообраќајот, сите училишта во Атина вчера беа затворени, поради лизгавите патишта.

Почетокот на новата 2017-та година донесе невообичаени временски услови во грчката престолнина. Сликата на Атина под снежна обвивка по целовечерните врнежи од снег не е видена во последната декада. Поради снегот кој што предизвика помали застои во сообраќајот, сите училишта во Атина вчера беа затворени, поради лизгавите патишта.

Централните патишта се во добра состојба, но има проблеми со споредните улици“, вели возач на автобус.

И остатокот од Грција вчера изутрина осамна под снег. Освен на патиштата, застој има и во бродскиот сообраќај, а забележани се и проблеми со снабдувањето со електрична енергија.

Снежните врнежи на грчките острови предизвикуваат најголем проблем на местата каде што се наоѓаат мигрантските кампови. Состојбата е критична со оглед на фактот што овие лица се сместени во шатори и немаат греење.

Ќе умреме овде во кампот. Нема греење и ноќта ја минав без греење. Ова не е хумано“, вели еден мигрант.

Некогаш кога ветрот дува многу силно, ги расклопува и шаторите. Тогаш луѓето не можат да спијат, бидејќи остануваат на дожд под ведро небо“, додава друг.

Поради снежните врнежи на островот Лезбос, грчката Влада во соработка со УНИХЦР обезбеди сместување на најранливите категории лица од кампот Морија, претежно жени и деца во локалните хотели, а испратен е и брод на грчката морнарица со капацитет за сместување на 500 лица.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ