РСБСП: Зимски совети за безбедност на пешаците во сообраќајот

11.01.2017 13:09

Не го бркајте зеленото светло за пешаци или автобусот, избегнувајте да носите торби и други предмети кои ја нарушуваат вашата рамнотежа, никогаш не се движете со рацете во џеб, секогаш преминувајте ја улицата на пешачки премин. Преминувањето надвор од пешачкиот премин е крајно опасно...

Движете се по тротоарот секогаш кога е можно, а ако не е, користете го крајниот лев раб од коловозот и следете ги возилата кои ви доаѓаат од спротивната страна. Не го бркајте зеленото светло за пешаци или автобусот, избегнувајте да носите торби и други предмети кои ја нарушуваат вашата рамнотежа, никогаш не се движете со рацете во џеб, секогаш преминувајте ја улицата на пешачки премин. Преминувањето надвор од пешачкиот премин е крајно опасно, особено во услови на намалена видливост и тоа сериозно може да влијае на вашата безбедност во сообраќајот.

Ова се само дел од советите за пешаците што ги изготви Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) со цел нивно безбедно движење во зимски услови, на снег, мраз и минусни температури.

Настојувајте секое движење да ви е внимателно испланирано и не ризикувајте со изборот на „скратен пат“. Пред да се решите да стапнете на улицата, имајте предвид дека на возилата им е потребно повеќе време да запрат и сопирачкиот пат е подолг од вообичаено. Не ја преминувајте улицата додека не сте сигурни дека возилата кои се движат по коловозот ве забележале и се во состојба безбедно да го запрат своето возило, препорачува РСБСП.

Пешаците, нагласува РСБСП, треба да носат и соодветни обувки, да чекорат бавно и сигурно со целото стапало. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, покрај овие совети, апелира до пешаците на максимално одговорно учество и на љубезност во сообраќајот.

Според статистиките, секоја година околу една четвртина од вкупниот број жртви во сообраќајот се пешаци.