Од утре температурата во благ пораст

11.01.2017 15:07

Портокалова фаза е прогласена во Полошкиот регион. На студеното време, најмногу на удар бремените жени и хронично болните. И натаму се во сила препораките од светската здравствена организација...

Ниски температури под просекот и денеска во земјава. Во жолта фаза е речиси цела Македонија, освен Полошкиот регион кој е во портокалова, информираа надлежните. Според УХМР, од утре температурата во благ пораст. Од петок, дневните температури над нулата.

„Жолта фаза ќе имаме уште утре изутрина, температурите ќе бидат многу ниски, под просекот, очекуваме интервалот на минималната температура да биде од -20 до -9. Утре преку денот ќе имаме доста сонце низ целата земја, а ќе има и пораст на дневната температура, во интервал од -4 до 5 степени. Во петок ќе има значителен пораст на температурата преку ден, ќе има и умерен јужен ветер, а дневните температури ќе бидат над нулата во петок и во сабота“, изјави Костадинка Арсовска, УХМР.

Од Министерството за здравство препорачуваат во Тетово, Гостивар, Кичево и во Македонски Брод да не одат на работа бремените жени и хронично болните над 60 години. Според надлежните, работниците кои работат на отворено во Полошкиот регион зафатен од портокалова фаза работните обврски треба да ги извршуваат од 10 до 16 часот со повремени паузи во топли простории на секои два часа. Останува да важи препораката, без неопходна потреба да не се излегува надвор, да се носи топла облека, да се пијат топли напитоци и да се избегнува алокохолот.

„Само во овие неколку дена, дежурните пунктови во Скопје имаат вкупно 3.420 интервенции. Најголемиот пик беше на 7-ми и 8-ми јануари, каде службите имаа од 800 до 900 интервенции во тек на 24 часа. Вчера веќе имаме друга слика. Ниските температури влијаат позитивно за да се намалат респираторните вирози. Вчера само 152 интервенции, така што разликата веќе ја имаме“, вели д-р Татјана Баевска Вучковиќ, директор на Здравствен дом- Скопје.

Ниските температури засега однесоа два живота. Станува збор за бездомници во Скопје и во Струмица кои починаа од студот.

 

Наташа Јанчиќ