Почнува ракометниот мундијал: Македонија стартува против Тунис

11.01.2017 15:12

Растат желбите и апетитите меѓу македонските навивачи, и меѓу некогашните репрезентативци пред утрешниот натпревар на Македонија со Тунис. Ќе биде тешко, но нашите момчиња, кои се веќе во француски Мец, се подготвени. И во главниот град на земјава се чувствува спортскиот амбиент, пред настапот на нашите на мундијалот.

Почнува ракометниот мундијал во Франција. Македонската машка репрезентација по петти пат е на светските првенства, а Македонската телевизија првенството ќе го пренесува до 29-ти јануари. 

Со натпреварот меѓу домаќинот Франција и Бразил во Нант, стартува 25-тото светско ракометно првенство. Граѓаните подготвени за навивање, очекуваат добар пласман. Секој има свој фаворит.

Македонија која на ова светско првенство е предводена од селекторот Лино Червар стартува утре против Тунис, со Ангола игра на 14-ти јануари, со Словенија на 16-ти, против Шпанија на 18-ти јануари, а групната фаза ја завршува со Исланд на 19-ти јануари. Според поранешниот македонски репрезентативец Пепи Манасков, Тунис мора да се респектира бидејќи има добри поединци. Од првиот натпревар многу ќе зависи како ќе го отвориме светското првенство, вели Манасков. Сигурно нема да биде лесно, но додава дека момците се подготвени.

„Очекувам овие млади играчи да дојдат до израз на ова првенство, имаме квалитет. Како што кажав ќе биде многу интересен меч овој прв настап против Тунис и очекувам јас една добра игра. Имаме ние еден техничко тактички план, бев јас дел од припремите каде што се спремаше и таа игра со играч повеќе 7 на 6, верувам дека тоа ќе проункционира, мислам тоа е еден адут скриен од наша страна и ќе парираме, мислам дека доста добро против Тунис, а крајниот резултат ќе зависи од други околности, нормално и голманите ќе бидат исто така клучен фактор“, смета Пепи Манасков.

Македонија средбите од групата б ќе ги игра во Мец. Покрај Франција и Бразил, во А групата се: Полска, Русија, Јапонија и Норвешка. Ц-групата ја сочинуваат: Хрватска, Германија, Унгарија, Белорусија, Чиле и Саудиска Арабија. Група Д: Данска, Шведска, Катар, Египет, Аргентина и Бахреин. Првите четири пласирани од секоја група ќе продолжат во осминафиналната фаза која е елиминациска.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска