Различни очекувања

11.01.2017 15:55

Трае рокот за формирање на владата на Република Македонија. До 29-ти овој месец мандатарот Груевски треба да го понуди составот на новиот кабинет...

Никој официјално не открива ни кога, ни во каков формат ќе почнат разговорите за формирање на новата влада. Очекувањата се дека за почеток на маса ќе седнат лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Груевски со најтесното раководство на седница на Извршниот комитет ги исцртува контурите за натамошното позиционирање. Помалите коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија дека платформата на дел од албанските партии е неприфатлива и уценувачка.

„Ние имаме обврска да обезбедиме стабилност и функционирање на институциите и ќе се трудиме да го направиме тоа. Во секој случај, бројките се јасни, ги знаеме сите. Околу било какви аритметики за составување влада и можноста Собранието да функционира комотно како до сега, тоа секако нема да биде случај, но го имаме сето тоа во предвид и ќе се обидеме доколку сите услови се исполнети да ги задоволиме потребите на Република Македонија и граѓаните, доколку не, апсолутно никој не може да се спротивстави на волјата на мнозинството пратеници, на мнозинството граѓани во Република Македонија“, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ДУИ, Ахмети во последното интервју ги остава отворени сите сценарија, и оние за неговата партија да партиципира во власта и онаа да биде опозиција.

Пред да почнат преговори со ВМРО-ДПМНЕ, треба да биде завршена анализата за тоа во каков правец ќе оди ДУИ и какви позиции ќе има: дали ДУИ ќе влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, дали со СДСМ, дали ќе излезе со понуда за техничка, таканаречена проширена влада како што имавме до 11-ти декември 2016-та, или пак, можеби ДУИ ќе донесе одлука да биде во опозиција. Сите овие опции се отворени“, рече Ахмети.

Според информациите од партиите, малку е веројатно дека разговорите за формирањето на новата влада ќе бидат отворени за јавноста. Дел од размислувањата одат во насока дека ако јавно се зборува за секој потег, реализацијата за формирање влада ќе биде отежната.

Миле Ристески