Девет години од хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце

12.01.2017 10:16

Семејствата на загинатите мировници не прифаќаат дека главната причина за паѓањето на хеликоптерот МИ-17 е необученоста на пилотите за летање во сложени метеоролошки услови. Од надлежните бараат нова истрага.

Денеска се навршуваат 9 години од хеликоптерската несреќа, во која кај Катлановско Блаце загинаа 11-мина македонски мировници, што се враќаа од мисијата во Босна и Херцеговина.

Семејствата на загинатите мировници не прифаќаат дека главната причина за паѓањето на хеликоптерот МИ-17 е необученоста на пилотите за летање во сложени метеоролошки услови. Од надлежните бараат нова истрага.

Тогашниот обвинител Шврговски побара независна истрага за причините за несреќата. Беше ангажиран и британскиот експерт Едвард Пули.

Во конечниот извештај стоеше дека и покрај многубројните посочени пропусти на Армијата и на контролата на летање, необученоста на пилотите за летање во лоши временски услови е главната причина за несреќата. Врз основа на тоа, Јавното обвинителство за никого не покрена кривична одговорност.