Набавен нов имунолошки анализатор

17.02.2017 15:55

Нов инструмент во Детската клиника „Козле“. Набавен е анализатор на крвта кој ќе го скуси времето за добивање резултати од десет на само еден ден.

Нов лабораториски апарат, преку кој ќе се добиваат резултати дали детето има одредено имунолошко заболување е веќе во функција на детската клиника за белодробни заболувања „Козле“. За овие анализи досега пациентите се препраќаа на други клиники, а за резултатите чекаа и по 10-тина дена, кои се неоходни за понатамошно лекување на детето.

„Освен алергиските заболувања сега со овој апарат ќе можеме да детектираме дали некое дете има некој имунодефицит. Со тоа нашите пациенти ќе можат да направат комплетна анализа и да знаат за што се работи. Се избегнуваат многу проблеми за родителите кои понекогаш залутуваат со лекување со хомеопатски лекови, но за вакви состојби треба сериозна терапија. Хомеопатска или било каква друга терапија неможе да помогне во вакви случаи“, изјави д-р Оливер Зафировски, директор на Детската клиника за белодробни заболувања „Колзе“.

Набавката на имунолошкиот анализаторот чини 2,5 милиони денари.

„Овој апарат многу ќе помогне во работата на детската клиника во „Козле“, но и во дијагностиката која што им е неопходна на здравствените работници за утврдување на дијагнозите и одредување на третманот и лекувањето на пациентите“, вели министерот за здравство Никола Тодоров.

Според ресорниот министер Тодоров, детската болница за белодробни заболувања „Козле“ е акредитирана по сите стандарди за квалитет. Зголемен е бројот на дадени здравствени услуги, кадар и опрема. Според Тодоров, 70 проценти од медицинскиот персонал бил на едукација во странство.

 

Андријана Атанасовска