Продолжи судењето за кумановските настани

17.02.2017 16:37

Со почетокот на сведочењата на обвинетите за тероризам, во големата сала на Врховниот суд продолжи судењето за кумановските настани. Сами Укшини, кој е еден од обвинетите, рече дека не се чувствува виновен, оти не командувал со групата. Вкупно 37 луѓе се обвинети во случајот „Диво Насеље“.

Спроведување на Рамковниот договор од Охрид. Ова, наводно била идејата на терористичката група која во мај 2015-тата во кумановската „Дива населба“ се судри со полицијата.

Обвинетиот Сами Укшини тврдеше дека групата планирала да свика конференција за новинарите и да испрати порака до политичарите – ако целосно не се реализира договорот, таканаречената ОВК одново ќе биде мобилизирана.

Укшини, алијас Командант Соколи, тврдеше дека во земјава влегол откако по притисокот на двајца организатори на групата кои беа ликвидирани во акцијата на македонските безбедносни сили. Во почетокот на мај со уште дваесетина од групата, илегално ја минале Македонско – косовската граница и се засолниле во напуштена куќа во село Белановце.

Оттаму, стигнале до липковските села, каде што со комбе биле префрлени во кумановската населба. На патот до Куманово, групата добила оружје и маскирани униформи со ознаки на ОВК. Биле сместени во куќите, со обезбедени храна и вода.

Укшини се посомневал дека можат да бидат откриени од полицијата, по што во неколку наврати предлагал да се напушти засолништето. Не го послушале, а 9-ти мај изутрината полицијата ги опколила, и како што тврдеше, почнала да стрела кон нивните позиции.

Тој нагласи дека не се чувствува виновен и дека за акцијата во Куманово не добил пари. Да бев јас главен – изјави, во Куманово ќе имаше многу повеќе загинати.

Укшини бил дел од групата што и се предала на полицијата, откако претходно Шефкет Калачи, како што вели, добил телефонска потврда од претставник на ОБСЕ дека по предавањето, нема да бидат малтретирани.

Судењето продолжува идната недела со распит на другите обвинети.

 

Анита Димитријевска